среда, 28. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Илјадници лица бегаат од пожарот во близина на Националниот парк Јосемити

Илјадници лица бегаат од пожарот во близина на Националниот парк Јосемити

Шумскиот пожар во близина на националниот парк Јосемити во САД прерасна во најголемиот пожар во Калифорнија годинава, предизвикувајќи евакуации на илјадници лица и исклучување на струјата на повеќе од 2.000 домови и деловни објекти.

Пожарот се појави во петокот попладне југозападно од паркот во близина на калифорнискиот град Мидпајнс и до вчера веќе имаше зафатено речиси 38 квадратни километри со густа дабова шума и ниска вегетација, соопшти Управата на Калифорнија за шумарство и заштита од пожари, или попозната како „Кал Фајер“.

Пожарот избувнал додека пожарникарите напредувале во борбата со вториот пожар што горел во близина на огромните секвои во најјужниот дел на паркот Јосемити.

Вчера беа издадени наредби за евакуација на повеќе од 6.000 лица кои живеат во областа која се протега на неколку километри во ретко населената рурална област, јави портпаролот на Националната шума Сиера.

-Повеќе од 400 пожарникари со хеликоптери, други авиони и булдожери се борат со пожарот во тешки услови кои вклучуваат топлина, мала влажност и многу сува вегетација, предизвикана од најтешката суша во последните децении, кажа портпаролот.

До вчера претпладне, пожарот уништи 10 станбени и деловни згради, оштети пет, додека други 2.000 згради се под закана, наведе калифорнискиот„Кал Фајер“.

Голем број патишта се затворени, вклучувајќи го и еден од главните патишта што водат до паркот Јосемити.

Портпаролот додаде дека огнот се движи брзо, фрлајќи жар и до три километри пред него. (МИА)