Непосредно по објавувањето на резултатите од претседателските избори, неколкуте стотици демонстранти, главно млади „антифашисти“ и „антикапиталисти“, протестираа против реизборот на Емануел Макрон во неколку градови во Франција, обележани со инциденти во Рен, како и во Париз, јави дописникот на МИА.
Набргу по објавувањето на победата на Макрон над Марин Ле Пен, во Рен, околу 250 луѓе се собраа под транспарентот: „Она што нема да го поминеме низ гласачките кутии, ќе го добиеме преку улица“. Собир одржан и покрај забраната и воочливо големо полициско присуство. Демонстрантите запалија неколку канти за ѓубре, принудувајќи ги пожарникарите да интервенираат три пати, според префектурата која ги забрани демонстрациите.
Полицијата употреби солзавец во близина на каналот што го минува Рен. „Сакаме да демонстрираме за да покажеме дека Ле Пен воопшто не ја сакаме, но не го сакаме ниту Макрон“, изјави една учесничка на демонстрациите. „Мораме да се организираме за да најдеме контрасила“. Двајца демонстранти беа уапсени во средината на вечерта, соопшти префектурата.
Во центарот на Париз, 250 до 300 демонстранти „антифашисти“ демонстрираа со извици, особено „Оди си Макрон“, понекогаш судирајќи се со полицијата која ги напаѓаше. Заминувајќи од Халите, тие извикуваа „Марин Ле Пен, одвратно е“ и „Ману Макрон, одвратно е“ или „Макрон, оди си!“, се до Плоштадот на Републиката, обезбеден од големи полициски сили. Попатно беа превртени велосипеди, скутери и канти за ѓубре, а неколку проектили беа фрлени врз камиони на органите на редот. Статуата на Републиката беше испишана со графити како „Светот гори“.
Во центарот на Нант, поворка од околу 400 до 500 луѓе тргна зад транспарент со натпис „Потреба од револуција“. Во Тулуз, околу 500 луѓе исто така учествуваа на демонстрациите чиј слоган беше „Ни Макрон, ниту Ле Пен, револуција“. „Доста е, доста е ова општество, кое лови имигранти без документи и го става Земур на телевизија“, пееја тие.