Годишната стапка на инфлација во еврозоната достигна рекордни 8,1 отсто во мај, објави денеска европската статистичка агенција Еуростат.
Мајската инфлација во 19-те држави од еврозоната ја надмина претходната рекордна инфлација од 7,4 отсто во април, достигнувајќи највисоки бројки забележани од јануари 1997 година. Порастот на цените во потрошувачката секој месец достигнува рекордни нивоа, континуирано од ноември минатата година. Тоа минатата година беше окаркатеризано како привремен феномен, поврзан со силата за економско закрепнување по пандемискиот шок и прекините во синџирите на снабдување.
Руската инвазија на Украина од крајот на февруари, како и економските санкции против Москва го интензивираат скокот на цените и ги зголемуваат стравувањата дека ќе има голем пад на растот на бруто домашниот производ.
Скокот на инфлацијата првенствено се одразува врз енергетскиот сектор (струја, нафта, гас), а тој дел од показателот на цените во мај пораснал за 39,2 отсто на годишна основа, откако во април пораснал за 37,5 отсто.
Но растот на цените на храната (вклучувајќи ги и алкохолот и тутунот) исто така се забрзува, достигнувајќи 7,5 отсто во мај од 6,3 отсто во април. Тоа го забрзува и растот на цените на индустриските производи, од 4,2 отсто во мај по 3,8 отсто во април и услугите од 3,5 отсто во мај наспроти 3,3 отсто претходниот месец.