Иран го осуди оружениот напад врз Амбасадата на Азербејџан во Техеран и соопшти дека го истражува нападот со „висок приоритет и чувствителност, со посебни инструкции од политичките и безбедносните власти“.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Насер Канани, изјави дека најостро го осудуваат нападот врз Амбасадата на Азербејџан во Техеран, во кој едно лице загина, а две се повредени.
Тој изрази длабоко сочувство до азербејџанскиот народ и владата. – Размерите на овој напад и мотивот на напаѓачите се истражуваат со висок приоритет и чувствителност, со посебни инструкции од политичките и безбедносните власти. Резултатите од прелиминарните истраги на надлежните органи и институции покажуваат дека зад оваа акција стојат лични мотиви, рече Канани.
Шефот на техеранската полиција Хусеин Рахими информираше дека напаѓачот бил приведен по нападот.
Напаѓач утрово со автоматско оружје „Калашников“ го уби шефот на службата за обезбедување на Азербејџанската амбасада. Двајца работници од обезбедувањето на Амбасадата, исто така, се повредени додека го спречувале нападот, соопшти Министерството за надворешни работи на Азербејџан.