Иран почна со изградба на нов нуклеарен истражувачки реактор од 10 мегавати во покраината Исфахан, јави агенцијата Анадолија.
Изградбата на нуклеарниот истражувачки реактор во Исфахан почна со церемонија, каде присуствуваше и претседателот на Агенцијата за атомска енергија на Иран, Мохамад Ислами, објави иранската агенција ИРНА.
Реакторот од базенски тип од 10 мегавати, што користи 20 отсто збогатено нуклеарно гориво, ќе се користи за тестирање нуклеарни горива, производство на медицински и индустриски радиоизотопи и развој на истражување и примена на неутронски зраци, се наведува во текстот.
Нуклеарниот истражувачки реактор ќе биде сместен во Нуклеарниот технолошки центар во Исфахан, еден од најголемите нуклеарни постројки во земјата. (МИА)