вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Иран планира да набави уште три сателити Хајам

Иран планира да набави уште три сателити Хајам

Портпаролот на иранската Влада, Али Бахадори на Твитер објави дека Техеран планира да набави уште три сателити Хајам.

Изградбата на уште три сателити Хајам со учество на ирански научници е дел од агендата на Владата, посочи Бахадори.

Сателит Хајам во вторникот беше лансиран со ракета Сојуз-2.1Б од космодромот Бајконур во Казахстан, контролиран од Москва.

Директорот на Иранската вселенска агенција Хасан Салариех пред два дена изјави дека сателитот Хајам е произведен во Русија под надзор на Иран.

За САД лансираниот сателит е наменет за шпионажа, а соработката помеѓу Техеран и Москва ја оцени како сериозна закана.

Вашингтон пост повикувајќи се на неименувани разузнавачки извори минатата недела објави дека Русија „планира да го користи сателитот неколку месеци или повеќе“ во војната во Украина, а потоа да ја предаде контролата на Иран. Иранската вселенска агенција тврди дека го контролира сателитот од првиот ден.

Сателитот Хајам, именуван по персискиот научник од 11 век, Омар Кајам, не е првиот ирански сателит лансиран од Русија. Во 2005 година, Сина-1 полета од рускиот космодром Плесецк.

Според Иран, неговата вселенска програма има само цивилни и одбранбени цели и не го прекршува нуклеарниот договор од 2015 година или други меѓународни договори.

Западните влади стравуваат дека системите за лансирање на сателити вклучуваат технологија што може да се замени со онаа што се користи во балистичките ракети способни да носат нуклеарни боеви глави. Иран постојано негира дека сака да изгради такви системи.

Првиот воен сателит на Иран беше лансиран во орбитата во април 2020 година, што предизвика незадоволство кај САД.  (МИА)