Иран се чини дека сакал да избегне американски жртви, па така ракетите испукани како одмазда за убиството на генералот Касим Сулејмани, погодиле песочни дини околу базата на Ајн ел Асад, објави Блумберг.
Повикувајќи се на неименувани американски официјални претставници, Блумберг наведува дека инаку прецизните ракети удриле во песочни дини околу базата Ајн ел Асад, што наведува на заклучок дека проектилите на Иранците биле насочени кон ненаселени делови на објектот.
Сите три бази кои изминатата ноќ биле на удар на Иранците претходно биле под тревога, а ирачките власти соопштија по нападот дека Иранците ги предупредувале однапред за почетокот на нападот. Во нападот нема повредени американски или ирачки војници.
Блумберг исто така цитира неименуван службеник во Белата куќа, кој смета дека Иранците сакале напад за одмазда, но на начин што нема да предизвика разурнувачки одговор на САД.
Вкупно 22 ирански проектила беа истрелани врз бази во Ирак, а 17 ракети ја погодија базата Ајн ел Асад.