четврток, 7. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Иранското разузнавање соопшти дека за време на демонстрациите биле планирани бомбашки напади

Иранското разузнавање соопшти дека за време на демонстрациите биле планирани бомбашки напади

Иранската разузнавачка служба соопшти дека спречила неколку бомбашки напади за време на бранот протести што ја зафати земјата во изминатата недела.

Според разузнавачкиот извештај што денеска го објави новинската агенција Мехр, нападите биле планирани од приврзаници на поранешната монархија и припадници на милицијата во градот Табриз во северозападниот дел на земјата.

И покрај ограничувањата на пристапот до интернет, вклучително и мобилниот интернет, имаше непотврдени извештаи за повеќе демонстрации против исламскиот систем во земјата во текот на ноќта, јави ДПА.

Најмалку 17 луѓе – а можеби и многу повеќе – загинаа за време на протестите.

Немирите ги предизвика смртта на 22-годишната Иранка Махса Амини. Таа беше уапсена на 13 септември поради кршење на строгиот исламски кодекс на облекување. Таа падна во кома и почина во болница неколку дена подоцна, но не е јасно што ја предизвикало нејзината смрт.

Критичарите ја обвинуваат моралната полиција за употреба на насилство. Полицијата ги отфрла обвинувањата.

Оттогаш, стотици илјади луѓе демонстрираа низ целата земја против владата.

Иран тврди дека демонстрациите се контролирани од странски земји и ирански групи во егзил со цел да ја ослабат земјата или дури и да ја соборат владата.

-Протести да, немири не, рече иранскиот претседател Ебрахим Раиси. (МИА)