Бројот на жители во Италија се намали на 58,9 милиони. Населението старее со многу брзо темпо споредено со населението во остатокот од Европската унија. Ова го соопшти Националниот институт за статистика на Италија. (ИСТАТ).
Намалувањето и стареењето на населението е главна грижа за стагнантната економија како италијанската, бидејќи меѓу другите проблеми е поврзана со намалената продуктивност, помалку иновации и повисоки трошоци за социјална заштита.
– Според првите прелиминарни податоци, од 1 јануари 2022 година, (локалното) население се намали на 58,983 милиони луѓе, рече претседателот на Националниот институт за статистика на Италија, Џан Карло Бланџардо во обраќањето пред италијанските пратеници.
Бланџардо, кој е познат експерт за демографија, рече дека националното население се намалува со стабилно темпо од 2014 година, со кумулативна загуба од 1,36 милиони луѓе.
– Демографската перспектива на нашата земја се карактеризира со значително зголемување на животниот век и подеднакво изразен пад на наталитетот, што доведува до многу побрзо стареење на населението во споредба со остатокот од Европа, појасни Бланџардо.
Во септември, Институтот за статистика предвиде дека Италија може да изгуби речиси една петтина од нејзините жители, при што населението ќе падне од 59,2 милиони во 2021 година, на 54,2 милиони до средината на векот и на 47,7 милиони во основното сценарио во 2070 година.
Поддршката на италијанските семејства е наведена меѓу приоритетите на новата десничарска Влада на премиерката Џорџа Мелони. Во нејзиниот буџет за 2023 година, таа предложи намалување на данокот на промет на производите за нега на бебиња и зголемување на детскиот додаток.