На Гренланд денеска се одржуваат парламентарни избори кои според многумина се всушност референдум за контроверзниот рударски проект што може да придонесе за диверзификација на економијата во земјата која планира поинаква иднина поради глобалното затоплување.
Автономната данска територија се здоби со сопственост врз своите огромни рудни богатства во 2009 година кога беше проширена нејзината самоуправа.
Тие ресурси, нивната геополитичка важност и полесниот пристап поради топењето на морскиот мраз, го направија Гренланд сè попривлечен за светските суперсили во последните неколку години. Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2019 година дури понуди и да го купи.
Данската и гренландската влада јасно ставија до знаење дека Гренланд не се продава, но Нук сепак сака да привлече странски инвестиции за еден ден да ја прекине финансиската „папочна врска“ со Копенхаген.
Планот за ископување на ретки земјени метали и ураниум предложен од австралиска компанија и поддржан од кинески инвеститори на југот на островот во Куанерсуит може да му донесе голем профит на Гренланд.
Во февруари избувна политичка криза кога помлад партнер во владата ја напушти владејачката коалиција поради тој проектот, што доведе до предвремени избори на кои денеска ќе бидат избрани 31 пратеник.