петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Израелска војска: 700.000 Палестинци избегаа од северниот дел на Газа

Израелска војска: 700.000 Палестинци избегаа од северниот дел на Газа

Околу 700.000 Палестинци досега избегаа во јужниот дел на Појасот Газа по повикот за евакуација на цивилите во северниот дел на крајбрежниот појас, соопшти денеска израелската војска.

Цивилите кои остануваат во градот Газа и северниот дел на палестинската територија треба да се преселат јужно од природниот резерват Вади Газа заради своја заштита, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари во телевизиска изјава.

Израел ќе ги интензивира нападите врз воените цели на Хамас и нивните административни објекти на север, предупреди тој: „Ќе продолжиме да напаѓаме цели кои би можеле да претставуваат закана за копнените сили во следните фази од војната“.

Денеска се навршија две седмици откако стотици палестински милитанти предводени од Хамас убија стотици цивили во ненадеен напад врз Израел. Оттогаш, израелските одмазднички напади во Газа ги поттикнаа стравувањата од хуманитарна катастрофа и регионална ескалација на конфликтот. Обединетите нации проценуваат дека околу 1,4 милиони луѓе во Појасот Газа веќе се раселени поради израелското бомбардирање.

Повеќе од 544.000 од нив побараа засолниште под покровителство на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA). Други се во засолништа со семејството или пријателите, според ОН.

Израел денеска соопшти дека стотици ракети истрелани од милитантите кон Израел не ја достигнале целта и ја погодиле Газа. Според портпаролот на ИДФ, Хагари, повеќе од 550 од околу 7.000 ракети истрелани од Газа од почетокот на војната ја погодиле само палестинската територија. Само во последните 24 часа околу една петтина од истреланите ракети паднале на палестинска територија.

Погрешно насочени ракетни напади на Хамас и Исламски џихад убиваат невини цивили во Појасот Газа, потенцираше Хагари. (МИА)

фото: ЕПА