Извозот на жито од украинските пристаништа повторно „е оневозможен“ поради одлуката на Москва да го прекине учеството во договорот за тој извоз, изјави денеска украинскиот министер за инфраструктура.
Според министерот Олександр Кубраков, брод натоварен со 40 тони жито денеска требаше да тргне од Украина за Етиопија, но поради „руската блокада на коридорот за транспорт на жито, извозот е оневозможен“.
Москва вчера објави дека го суспендира своето учество во договорот по нападот со беспилотни летала врз руската флота стационирана во Севастопол, на Крим, кој го анектираше во 2014 година. Москва го припишува нападот на Украина и Велика Британија.
Заедничкиот координативен центар (ЗКЦ) задолжен за следење на меѓународниот договор потпишан летово објави дека за денеска не е одобрено движење на товарни бродови што превезуваат украинско жито во Црното Море.
ЕУ ја повикува Русија да се откаже од одлуката за суспендирање на договорот за извоз на жито од украинските пристаништа, што е од витално значење за снабдувањето со храна во светот, напиша денеска во твит шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. (МИА)