среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Јапонија одбележува 73 години од капитулацијата во Втората светска војна

Јапонија одбележува 73 години од капитулацијата во Втората светска војна

Со церемонија во Токио, на која присуствуваа и јапонскиот император Акихито и премиерот Шинѕо Абе, Јапонија денеска ја одбележа 73-тата годишнина од нејзината капитулација во Втората светска војна.

– Никогаш нема да заборавиме дека сегашниот мир и благосостојба се постигнати благодарение на луѓето кои загинаа во војната. Нејзините ужаси не треба да се повторат, изјави Абе во обраќањето на церемонијата.

Тој порача дека целта на Јапонија е на сите можни начини да придонесе за мир и просперитет во светот.

Абе меѓутоа во своето обраќање не се осврна на прашањето за одговорноста на Јапонија за агресијата и за воените злосторства во текот на Втората светска војна.

За разлика од него, императорот Акихито изрази „длабоко каење“ за улогата на Јапонија во војната.

– Размислувајќи за минатото, заедно со чувството на длабоко каење, искрено се надевам дека разурнувањата на војната никогаш нема да се повторат. Заедно со целиот наш народ изразувам искрена почит кон сите загубени животи во војната, како на бојното поле, така и на сите други места, изјави Акихито.

Тој притоа порача дека се моли за мир во светот и за продолжување на развојот на Јапонија.

Денешното учество на церемонијата е последно за 84-годишниот Акихито на едно одбележување на годишнината од капитулацијата во својство на император.

Во април идната година тој ќе абдицира и јапонскиот престол ќе му го препушти на принцот Нарухито. Тоа ќе биде прва абдикација на еден јапонски владател по околу 200 години.

МИА