Во јапонскиот град Нара денеска со прелиминарно рочиште почнува судскиот процес против Тецуја Јамагами, атентаторот на поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе.
Судењето на четириесетгодишниот Јамагами, кој е обвинет за убиството на шеесет и седумгодишниот Абе со рачно изработенa двоцефка на 8 јули минатата година, ќе биде затворено за јавноста и за медиумите.
Процесот требаше да започне во јуни годинава, но беше одложен со цел да се зголемат безбедносните мерки, бидејќи на адресата на Окружниот суд во Нара пристигна сомнителна кутија, која мораше да ја прегледа полициската екипа за отстранување на експлозивни направи.
Шинѕо Абе, веројатно најважната личност во повоената политика на Јапонија и личност со најдолг стаж на највисоката функција во историјата на земјата, беше застрелан на улица во градот Нара за време на говорот во кампањата што го одржа за да покаже поддршка за сопартискиот кандидат, локален кандидат за пратеник.
Абе двапати беше шеф на државата, вкупно девет години. Тој се повлече од премиерската функција во 2020 година, но како лидер на досега најголемата фракција на владејачката Либерално-демократска партија, тој остана највлијателниот политичар во земјата до неговата смрт. (МИА)