Јапонија може да купи до 500 американски крстосувачки ракети „Томахавк“ во фискалната година што завршува во март 2028 година и да го забрза подобрувањето на своите способности за контранапади, објави денеска весникот Јомијури.
Главниот секретар на кабинетот Хироказу Мацуно рече дека се уште ништо не е решено.
Јапонија планира да ја преиспита својата стратегија за национална безбедност и другите клучни одбранбени позиции до крајот на годината.
Токио веќе ги објави плановите за проширување на дострелот на своите копнени проектили како дел од новата стратегија. Тоа ќе и овозможи на јапонската војска да напаѓа далечни цели на море и на копно.
„Томахавк“ можат да погодат цели оддалечени повеќе од 1.000 километри – дострел што може да погоди делови од Кина и рускиот Далечен Исток.
Бизнис дневниот весник Никеи овој месец објави дека Јапонија исто така размислува да распореди суперсонични ракети до 2030 година за да ја зајакне својата способност за одвраќање.