Соединетите Американски Држави и нивните партнери немаат намера да ги толерираат активностите на другите земји кои ги поткопуваат санкциите против Русија, изјави денеска американската министерка за финансии Џенет Јелен за време на говорот пред Атлантскиот совет.
Според неа, некои земји продолжуваат да „не прават ништо, веројатно гледајќи можности за сопствено збогатување преку одржување на односите со Русија и пополнување на празнините што ги оставаат другите“.
„Таквите мотиви се кратковиди. Да бидеме јасни: обединетата коалиција на земји кои воведоа санкции нема да биде рамнодушна кон активностите што ги поткопуваат тие санкции“, рече Јелен.
Јелен рече дека војната меѓу Русија и Украина ги променила перспективите за светската економија и дека администрацијата на Бајден е решена да ја повика Русија на одговорност за нејзиното „ужасно однесување“ и кршењето на меѓународното право.
„Бидете уверени дека Путин додека не стави крај на својата грозоморна војна, администрацијата на Бајден ќе работи со нашите партнери за да ја турне Русија во економска, финансиска и стратешка изолација“, рече Јелен. (МИА)