Отворање на дел од средните училишта во целата земја и основните училишта, но само во регионот Лимасол со физичко присуство на учениците, зголемување на бројот на присутни во приватните образовни институции за дополнителна настава, дозволено одржување на натпревари и првенства во индивидуалните спортови, се дел од новите мерки што од денеска стапуваат во сила на Кипар, по одлука на Владата за дополнително олабавување на рестрикциите, јави дописничката на МИА од Атина.
Минатиот месец се отворија средните училишта за повисоките класови, а сега, во училишните клупи се враќаат и останатите средношколци и потребно ќе биде да имаат негативен рапид тест.
Во приватните образовни институции за дополнителна настава, дозволено е присуство на вкупно седум лица (шест ученици и еден наставник).
Нема промени во однос на полицискиот час и задолжителното испраќање смс порака за движење на граѓаните, со исклучок на викендите кога наместо две, дозволени се најмногу три пораки.
Мерките се во сила до 30 април, а една седмица пред Велигден, кипарската Влада одново ќе ја разгледа епидемиолошката слика во земјата за евентуално прилагодување на мерките за празникот.
Од денеска, се отвора и платформата за закажување термин за вакцинација за лицата над 64 годишна возраст.