Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска изјави дека земјата се соочува со најтешката безбедносна средина во регионот од крајот на Втората светска војна и вети дека ќе ја развива војската според неодамна усвоената безбедносна стратегија за следните пет години.
Во декември, Владата на Кишида ги усвои клучните безбедносни и одбранбени реформи, вклучително и за контранапад, што претставува отстапување од повоената политика на самоодбрана на земјата.
Во говорот за владината политика на почетокот на овогодишната собраниска седница, Кишида наведе дека приоритет треба да ѝ се даде на активната дипломатија, но дека за тоа „потребни се одбранбените сили кои ќе ја поддржат“.
Според Кишида новата безбедносна стратегија на Јапонија се заснова на „реалистична симулација“, а целта на новата стратегија е да се контролираат растечките територијални амбиции на Кина.
Кишида рече дека тоа е „драстичен пресврт“ во јапонската безбедносна политика, но дека и понатаму останува во рамките на пацифистичкиот Устав на земјата и меѓународното право. Тој додаде дека нема да има промени во безбедносните принципи на Јапонија против нуклеарното оружје, за самоодбрана и мирољубива политика на земјата. (МИА)