среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ќе се откаже ли Украина од кандидатурата за НАТО?

Ќе се откаже ли Украина од кандидатурата за НАТО?

Амбасадорот на Украина во Обединетото Кралство, Вадим Пристаико, навести дека е можно Киев да се откаже од својата кандидатура за пристап во НАТО, за да се спречи голем конфликт со Русија, притоа признавајќи дека таквиот предлог би бил против законите на неговата земја.

Запрашан од Би-би-си во неделата дали неговата земја би можела да „размисли да не се приклучи на НАТО“ за да спречи војна, Пристаико одговори: „Можно е, знаете, особено бидејќи така ни се закануваат, уценувани за тоа, и притиснати“.

Потоа тој навести и дека некои претставници на воениот блок ја поддржале таа опција. „Знаете, понекогаш ќе слушнеме гласови од НАТО во стилот ‘Момци, можеби, навистина, ќе можеме да избегнеме…’“, рече амбасадорот, завршувајќи среде реченица.

Пристаико, сепак, додаде дека Украина во моментов не е дел од ниту еден воен сојуз, за разлика од некои други земји што граничат со Русија. Тој истакна дека Киев ќе мора сам да се соочи со последиците ако некоја криза како сегашнава прерасне во воен конфликт.

– Повторно ќе останеме незаштитени од никого, од ниеден пријател, бидејќи не сме член во алијанса, кога сите, сите наши соседи, веќе се во организацијата, рече дипломатот, мислејќи на Полска, Република Словачка, Романија, Бугарија и Турција. Тој тврди дека статусот на овие земји како земји-членки на НАТО „не ја променил безбедноста на Русија“, инсистирајќи дека ниту „додавањето“ на Украина нема да ја промени.

Запрашан да го разјасни својот коментар за НАТО за да не биде „загубен во преводот“, Пристаико се чини дека потврди дека Киев би можел да ги преиспита своите аспирации да се приклучи на блокот, но призна дека со тоа би се одело „малку против“ уставот на Украина, кој од 2019 година содржи одредба со која членството во НАТО е стратегиска цел на владата.

– Сакам да кажам дека ние сме флексибилни, обидувајќи се да го најдеме најдобриот излез. Ако треба да направиме некои сериозни отстапки, тоа е нешто што би можеле да го направиме, тоа е сигурно, заклучи амбасадорот.