среда, 17. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Комплетирана француската Влада со единаесет државни секретари

Комплетирана француската Влада со единаесет државни секретари

Со последните назначувања на единаесет државни секретари, владата на Жан Кастекс ќе брои 43 членови, со што стана една од најбројните во поновата француска историја, јави дописникот на МИА.

Со назначувањето на новите членови на владата не се случија некои поголеми промени во политиката, туку само мало урамнотежување меѓу континуитетот и потребата од обновување на екипата. Така од 43 членови на владата, 22 се жени.

Новата влада со новите државни секретари е свртена кон територијата, семејството, социјалата, хендикепираните лица, приоритетното образование, дигитализацијата на општеството.

Министерството за Европа и надворешни работи го доби својот државен секретар за европски прашања, тоа е 38-годишниот Клемон Бон, кој беше досегашен советник на Емануел Макрон кога беше министер и сега во Елисејската палата. Тој е почитуван од европските престолнини, неговото име се споменуваше и во претходните најави за реконструкција на владата, за европските избори или, пак, за француски комесар во Комисијата од Брисел. Макрон досега го држеше до себе како „скапоцен“ советник за европски прашања.

Додека владата на Жан Кастекс е комплетирана, сега ќе треба да се реконструира кабинетот на претседателот Макрон, бидејќи тој се испразни со заминувањето на специјалниот советник Филип Гранжон, шефот на кабинетот Франсоа-Ксавие Лоч и советникот за печат Жозеф Зимет. (МИА)