четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Конститутивна седница на новоизбраниот турски Парламент

Конститутивна седница на новоизбраниот турски Парламент

Новиот турски Парламент денеска ќе ја одржи својата конститутивна седница на која новоизбраните пратеници ќе положат свечена заклетва со што ќе почне да тече нивниот мандат.

По церемонијата на полагање заклетва, парламентарна група на владејачката Партијата за правда и развој (АКП) на претседателот Реџеп Тајип Ердоган ќе одржи состанок во Парламентот, на кој пред пратениците ќе се обрати шефот на државата.

На состанокот ќе биде донесена одлука, кој да биде кандидат на партијата за функцијата претседател на Парламентот. Се очекува, Ердоган за прв човек на Парламентот да го предложи актуелниот премиер Бинали Јилдирим.

Новиот претседател на Парламентот се очекува да биде избран на 12 јули.

Пред тоа, на 9 јули, в понеделник, претседателот Ердоган ќе положи заклетва пред Парламентот, со што официјално ќе почне неговиот нов претседателски мандат.

По заклетва во Парламентот, предвиено е Ердоган да го издаде првиот претседателски декрет, со кој ќе бидат основани нови министерства.

Истата вечер во претседателска палата ќе се одржи прием на кој се поканети на 3.000 гости, меѓу кои и претставници на политички, бизнис, спортски и уметнички кругови, како и странски лидери. Шефовите на држави или влади од 17 земји, потврдија дека ќе присуствуваат на церемонијата, на која ќе се одбележи и преминувањето на Турција од парламентарен на претседателски систем на управување. 

По приемот, в понеделник вечерта, се очекува Ердоган да го соопшти составот на новиот владин Кабинет. 

На 24 јуни во Турција се одржаа претседателски и парламентарни избори. Сегашниот претседател беше реизбран на изборите. Согласно ланските уставни измени по овие избори во Турција се воспоставува нов систем на владеење, со кој претседателот добива широки овластувања. 

МИА