Група од стотина израелски активисти за заштита на животната средина потпишаа отворено писмо до Грета Тунберг во кое ја осудуваат за изразувањето „солидарност со Палестина и Газа“.
Потписниците наведуваат дека нејзините твитови и објави биле „ужасно еднострани, лошо информирани, површни и во целосна спротивност“ со нејзината способност да навлегува длабоко во деталите на сложените прашања.
„Дали мислите дека Хамас ги застапува човековите права и слобода? Размислете повторно“, се вели во писмото.
„Во саботата на 7 октомври се случи брутален масакр во Израел. Досега изброивме 1.400 тела на бебиња, деца, жени и мажи. Сите брутално убиени, живи запалени, мачени пред смртта, терористите ги нападнаа нивните домови, на музички фестивал и по случаен избор на улица“, се вели во писмото.
Исто така, се наведува дека биле заробени и земени како заложници, вклучително и деветмесечни бебиња, постари лица и луѓе кои се тешко болни, без лекови и оние со посебни потреби, додека многу се уште се водат како исчезнати.
Грета во меѓувреме избриша фотографија на која се наоѓа таа со три други жени кои држат транспаренти со пораки за поддршка за Палестина и Газа и играчка октопод што понекогаш се користи како антисемитски симбол, а потоа ја замени со слична слика.
Таа во саботата на платформата Икс (поранешен Твитер) напиша дека се подразбира дека е против страшните напади на Хамас. (МИА)