Парламентот на Куба синоќа го одобри новиот состав на Министерскиот совет, кој го именува новиот претседател Мигел Дијас-Канел, при што поголемиот број министери се од владата на Раул Кастро, освен министерката за економски реформи.
Кубанското Народно собрание ги разгледува и предложените реформи на Уставот од 1976 годиниа, со што е предвидено признавање на приватна сопственост, воведување на функцијата премиер, претседателот да има право само на два мандата од по пет години, легализација на истополовите бракови, а предвидени се и реформи во судството. Но, и покрај реформите Комунистичката партија ќе остане единствена политичка сила во земјата.
Најголемата промена во новата Влада е отсуството на министерката за економски реформи Марина Муриља, блиска соработничка на Раул Кастро и една од иницијаторите за воведување на приватна иницијатива во социјалистичката економија. Нов министер за економија и планирање е Алехандро Хил.
Новиот Министерски Совет има 34 членови, а на трите функции заменик претседатели остануваат учесниците во револуцијата од 1959 година, 86-годишниот Рамиро Валдес и 76-годишниот генерал Улисес Росалес дел Торо, како и Рикардо Кабрисас Руис. Не се сменети министерот за надворешни работи, за внатрешни работи, за одбрана, за надворешна трговија и за финансии
Дијас-Канел е избран за претседател на Куба во април годинава, откако браќата Кастро шест децении владееја со островската држава.
(Миа)