Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, повика на целосно суспендирање на трговските релации на западните земји со Русија.
„Светот треба да престане да купува руски стоки и услуги и да тргува со Русија, бидејќи секој долар и евро што Русија ги остварува од тие зделки се вложува во одржување на режимот на Путин и на руската воена машинерија“ изјави Кулеба на денешниот панел организиран од Фондацијата „Виктор Пинчук“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос.
„Концептот на санкции против Русија треба да се заснова врз мошне едноставен принцип: Елиминирајте го рускиот извоз… Тие треба да бидат отсечени од можностите да заработуваат на глобалната сцена,” истакна тој.
За војната Кулеба изјави дека целта е мошне едноставна и јасна – „Украина мора да победи. Точка“, рече тој.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола критикуваше некои држави дека сè уште користат дупки во санкциите кон Русија.
„Тоа не треба да се дозволи“, рече таа заложувајќи се за тоа Украина да се смета како кандидат за членство во ЕУ.