сабота, 4. мај 2024. Вести денес: 0
home Вести

Кус преглед на најбитните настани во изминатите 24 часа од војната во Украина

Кус преглед на најбитните настани во изминатите 24 часа од војната во Украина

-Украинските служби за итни случаи соопштија дека го изгаснале пожарот во најголемата нуклеарна централа во Европа. Киев тврди дека руските сили гранатирале и дека се одговорни за пожарот. „Во 06:20 часот е изгаснат пожарот во зградата за обука на АЕЦ Запорожје во Енергодар. Нема жртви“, соопштија украинските служби за итни случаи.

– Саудискиот престолонаследник Мохамед Бин Салман денеска во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Ријад е подготвен да посредува меѓу Москва, Киев и сите страни поврзани со актуелната украинска криза.

– Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска ги повика руските и украинските војници да ги прекинат борбите околу украинската нуклеарна централа во Запорожје, откако Киев соопшти дека се водат борби во блискиот град Енергодар.

– САД и Британија воведуваат санкции против руски олигарси, меѓу нив и еден од најбогатите Руси

– Британскиот министер за одбрана Бен Валас оцени дека Русија многу заостанува зад својот „распоред“, откако претходно рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата „специјална воена операција“ во Украина – позната и како инвазија – „се одвива според планот“, објави Би-Би-Си.

– Најмалку триесет и три лица загинаа денеска во руски напад врз две училишта и станбени згради во северниот украински град Чернигов, соопшти украинската служба за спасување.

– САД соопштија дека ќе им доделат „статус на привремена заштита“ на Украинците во земјата во следните 18 месеци.

– Завршија преговорите помеѓу Украина и Русија на полско-белоруската граница, при што е постигнат договор за заеднички да обезбедат хуманитарни коридори со привремен прекин на огнот.

– Авион со руски државјани е задржан на аеродромот во градот Јелоунајф во северниот дел на Канада, објави денеска на Твитер канадскиот министер за транспорт Омар Алхабра. Тој објасни дека тоа е направено како дел од канадските санкции против Русија.

– Во моментов нема планови за средба меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки, истакнувајќи дека „сега не е време за тоа“.

– Пентагон соопшти дека е воспоставена директна линија на комуникација со руското Министерство за одбрана, со цел да се спречат разни конфликти и инциденти, објавија западните медиуми, повикувајќи се на висок воен претставник на САД.