Шведската министерка за надворешни работи, Ан Линде, денеска во Сараево ги оцени како апсолутно неприфатливи, руските закани, поради можно приклучување на нејзината земја, како и на Финска, во НАТО. Од Босна и Херцеговина, таа побара да ја следи политиката на Европската Унија во однос на војната во Украина, јави Хина.
– Потполно е неприфатливо Русија, на било каков начин, да им се заканува на Шведска или Финска, затоа што на граѓаните е да одлучат за својата безбедносна политика, изјави Линде за време на службената посета на Босна и Херцеговина.
Коментирајќи ги заканите кон нејзината земја од Москва, вклучувајќи ја и изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, таа додаде дека безбедносната состојба во Европа е драматично променета по руската агресија на Украина, што предизвика страшни уништувања, човечки страдања, бран од милиони бегалци.
Тоа ги поттикнало владите на двете земји да ги ревидираат нивните долгогодишни политики на воена неутралност, па затоа ја разгледуваат можноста да се приклучат во НАТО.
– Рускиот напад на Украина е непредизвикан, незаконски и не може со ништо да се оправда, затоа Шведска заедно со ЕУ стои покрај Украина, истакна министерката.
Таа додаде дека целиот свет мора да биде обединет во спротивставувањето на руската агресија.
Линде ја повика Босна и Херцеговина целосно да ја усогласи својата политика во однос на ситуацијата во Украина, со таа на ЕУ, како и активно да се вклучи во борбата против дезинформации.
Според министерката, во светло на влошената безбедносна ситуација на европскиот континент, потребно е политичарите во Босна и Херцеговина да покажат поодговорно однесување. Таа особено ги повика официјалните претставници на босанските Срби, да престанат да ја блокираат работата на централните државни органи.
Линде посочи дека Шведска е подготвена да ја следи политиката со санкции на ЕУ, кон политичари од Босна и Херцеговина, кои ги поткопуваат стабилноста и суверенитетот на земјата.
Таа изрази жалење што немало договор за нов изборен закон во Босна и Херцеговина. Но, јасно нагласи дека е од клучно значење, изборите да се одржат оваа есен според постоечките правила, за што пак, властите треба да ги обезбедат потребните средства од државниот буџет.
Министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ изјави дека земјата ја осудува руската агресија на Украина и очекува што побргу да се запре. Околу парите за избори, таа појасни дека можно е државниот буџет да биде усвоен до 25 април, па тој проблем би бил решен.
Турковиќ најави дека високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит наскоро би можел да посегне по своите овластувања и да го укине законот, со што Република Српска го презеде управувањето со имотот во сопственост на БиХ.
– Ако законот не се повлече, сигурно ќе дојде до негово поништување, истакна Турковиќ.
Таа додаде дека верува оти ќе се продолжи со воведување санкции за политичари, кои ја поткопуваат стабилноста на Босна и Херцеговина и го кршат Дејтонскиот договор, како што веќе се казнети членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и претседателката на РС, Жељка Цвијановиќ.
– Сведоци сме само на почетокот (на воведувањето санкции) и верувам дека секој, кој ја загрозува сигурноста, ќе сноси санкции, подвлече Турковиќ, коментирајќи ја казната од Велика Британија за Додик и Цвијановиќ со забрана за патување и замрзнување на имотот.