четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

МААЕ: Нивото на радиоактивност во Чернобил е нормално

МААЕ: Нивото на радиоактивност во Чернобил е нормално

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска во Чернобил изјави дека нивото на радиоактивност во нуклеарната централа е „нормално“.

– Нивото на радиоактивност е нормално, рече Гроси за време на посетата на електраната, точно 36 години по нуклеарната хаварија во таа област.

Гроси, кој не прецизираше конкретни бројки или параметри на радиоактивност, за новинарите изјави дека радиоактивноста се зголемувала во одредени периоди, кога руските сили внесувале тешка опрема во зоната и кога ја напуштале областа. Тој додаде дека МААЕ ја следи ситуацијата на дневна основа.

Шефот на МААЕ е во Чернобил заедно со тим експерти, кои за време на посетата ќе ги поправаат и системите за далечинско следење, кои набрзо по почетокот на војната престанаа да пренесуваат податоци до седиштето на МААЕ во Виена.

Во средината на април, украинските власти објавија дека не се во можност да ги обноват уредите за следење на радиоактивноста на таа локација на северот на Украина.

На 24 февруари, првиот ден од офанзивата против Украина, руските сили го зазедоа Чернобил, каде потоа беа исклучени електричната енергија и комуникациските врски. Руските трупи се повлекоа од областа кон крајот на март.