Магазинот „Tајмс“ синоќа ги избра новоизбраниот американски претседател Џо Бајден и новоизбраната потпретседателка Камала Харис за личност на годината, јавува ДПА.
„За промена на американската приказна, за покажување дека силите на емпатија се поголеми од гневот на поделбата, за споделување визија за заздравување во тажниот свет, Џо Бајден и Камала Харис се личност на годината на „Тајмс“ за 2020 година“, се наведува во изјавата на главниот уредник на списанието Едвард Фелсентал.
Бајден и Харис победија на претседателските избори на 3 ноември, откако водеа претпазлива, но, сепак, фокусирана кампања, ветувајќи дека ќе ја обединат земјата, ќе го прекинат хаосот на Доналд Трамп и дека ќе се зафатат со борбата со пандемијата на коронавирусот, што драматично се расшири низ целата земја.
Бајден (77) поголемиот дел од својот живот го помина работејќи во Вашингтон и служејќи како потпретседател на Барак Обама, додека Харис е првата Афроамериканка, првата жена и првата личност од азиско потекло што ќе биде заменик претседател на САД.
Во потесниот список на кандидати за наградата, додава ДПА, што беше претставен минатиот четвртокот, покрај Бајден се најдоа и актуелниот претседател Доналд Трамп, здравствените работници, врвниот американски специјалист за инфективни болести Ентони Фаучи и Движењето за расна правда.
Личност на годината на „Тајмс“ за 2019 година беше шведската активистка за климата, младата Грета Тунберг.