Локалните власти во јапонскиот град Јамагучи ќе користат пиштоли за смирување во борбата против мајмуните макаки кои повредија 42 лица во последните недели.
Јапонските макаки се доста присутни во големи делови од земјата, а во некои области тие се штетници бидејќи јадат земјоделски култури и понекогаш влегуваат во домовите. Нападот на мајмуни во Јамагучи е невообичаен поради повредените луѓе – мајмуните гребеле и каснале возрасни и деца.
„Целиот град Јамагучи е опкружен со планини и не е невообичаено да се видат мајмуни. Но, ретко е да се видат толку многу напади во краток временски период“, рече градскиот службеник од одделот за земјоделство, кој не сакаше да биде именуван, пишува „Гардијан“.
Повредите досега беа главно полесни, но властите се свртуваат кон пиштоли за смирување откако стапиците што ги поставија не успеаја да фатат ниту еден од мајмуните.
„Во почетокот беа нападнати само деца и жени. Неодамна цел беа и постари луѓе и возрасни мажи“, рече претставникот.
Градот не е сигурен дали нападите биле дело на повеќе мајмуни или на една агресивна индивидуа. Во некои случаи, мајмуните влегувале во куќите лизгајќи се низ отворените мрежести врати или низ прозорците.
Градските власти и полицијата патролираат во областа од првите напади околу 8 јули, но се уште не фатиле ниту еден мајмун. Во последните недели, приказната за агресивните мајмуни стана главна вест во Јапонија.(МИА)