Лидерите на Германија и Франција, Ангела Меркел и Емануел Макрон, синоќа изјавија дека ќе го искористат своето влијание за да помогнат во преговорите за брз договор за пакетот за обнова од поледиците на коронавирусот за 27-те земји членки на ЕУ.
На првата тет-а-тет средба од почетокот на пандемијата, германската канцеларка и францускиот претседател ја истакнаа нивната решеност да работат заедно за враќање на европските економии на вистинскиот пат, во време кога Германија од утре, 1 јули, го презема шестмесечното претседателство со ЕУ.
Лидерите на ЕУ ќе се обидат да ги надминат своите разлики на самитот на 17 и 18 јули околу предлогот на Европската комисија да позајмат 500 милијарди евра од пазарот за новиот фонд за обнова, за да помогнат во заживување на економиите што се најтешко погодени од коронавирусот, особено Италија и Шпанија.
Меркел изјави дека се надева на самитот на лидерите следниот месец земјите членки на ЕУ ќе ги надминат своите разлики во врска со повеќегодишниот буџет, како и во врска со фондот за обнова, пренесуваат британските медиуми.
-Се надеваме дека можеме да најдеме решение, иако имаме уште долг пат пред нас, рече Меркел.
Во мај, Меркел и Макрон предложија формирање на еднократен фонд за обнова во вредност од 500 милијарди евра, што ЕК го прошири, предлагајќи фонд од 750 милијарди евра, што главно ќе се состои од грантови.
ЕК, сепак, се соочува со отпор од некои земји, кои се спротивставуваат на неповратните позајмици и затоа одбиваат да обезбедат средства без никакви обврски од корисниците.
На заедничката прес-конференција со Макрон во вилата на германската влада во близина на Берлин, Меркел рече дека тие не очекуваат нивниот предлог да биде усвоен како таков, но дека тоа го покажува правецот во кој сакаат да се движат.
-Преку нашиот заеднички предлог за фонд за обнова ние јасно ставивме до знаење дека Германија и Франција сакаат да играат улога заедно во наредните месеци, со што јасно ставаме до знаење дека Европа е нашата иднина, рече Меркел.
Таа оцени дека очекувањата се големи и додаде дека Европа не е нужно обединета кога Германија и Франција се обединети.
-Но, ако Германија и Франција не се согласуваат, тогаш тоа не е добро за единството на Европа, истакна Меркел.
Макрон, пак, од своја страна, кажа дека кризата предизвикана од коронавирусот и нејзините економски и социјални последици е „момент на вистината“ за Европа.
-Можеме да го направиме овој момент на вистината момент на успех, рече Макрон, инсистирајќи на потребата да се постигне европски договор за план за економско закрепнување.
Тој додаде дека двете земји ќе сторат се договорот за буџетот да биде постигнат на самитот во јули.
Францускиот претседател ја повика ЕУ да го зајакне својот суверенитет во широк спектар на области, вклучувајќи ги климатските прашања, дигиталната економија, прехранбената индустрија, здравството и безбедноста.