недела, 28. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Макрон: Војната во Украина ќе доведе до целосно редефинирање на архитектурата на Европа

Макрон: Војната во Украина ќе доведе до целосно редефинирање на архитектурата на Европа

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска дека условите поставени од рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот во Украина „не се прифатливи за никого“.

-Не гледам дипломатско решение во наредните часови, па дури и денови, им рече Макрон на новинарите во Версај пред Самитот на Европската унија, кој ќе се фокусира на руската инвазија на Украина, решенија за зголемувањето на цените на енергијата и помалата зависност од Русија за гас и нафта.

Макрон рече дека не го гледа прекинот на огнот во Украина како „реален“ во блиско време, пренесува Си-Ен-Ен.

-Дефинитивно сум оптимист, но морам да бидам и реален, додаде тој.

Претходно денеска Путин имаше телефонски разговор со Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Зборувајќи за барањето на Украина за брз пристап во ЕУ, Макрон им рече на новинарите: „Со земја во војна? Мислам дека не… Дали треба да ја затвориме вратата и да кажеме „никогаш“? Тоа би било неправедно“.

Францускиот претседател оцени дека војната во Украина е „трагедија… човечка, политичка и хуманитарна трагедија“, и додаде дека „ќе доведе до целосно редефинирање на архитектурата на Европа“.

-Ова се дискусии кои се стратешки и историски. Тие ќе доведат до, денес, во следните недели и месеци, историски одлуки за нашата Европа, рече Макрон.

Францускиот претседател рече дека бил „вознемирен“ кога ги видел сликите од вчерашниот смртоносен бомбашки напад врз породилиште во Мариупол во јужна Украина.

Тој рече дека од почетокот на руската војна во Украина, „хуманитарни трагедии од ваков вид беа направени во повеќе наврати“.

-Оружје, можне смртоносно, без расудување, се користеше токму среде градовите, потенцираше Макрон.  (МИА)