Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска престојува во ненајавена посета на Триполи, каде истакна дека светот не смее да биде измамен од мирот што моментно преовладува во Либија и дека мора да се најде начин да се стави крај на конфликтот во земјата уништена од граѓанска војна.
Мас рече дека ќе се состане со официјални лица од меѓународно признатата влада во Либија, за да разговараат за „излез од оваа многу опасна ситуација“, во која, како што рече, обете завојувани страни добиваат оружје од своите сојузници во странство.
Во обид да посредува во мировните напори, Германија беше домаќин на самитот во Берлин во јануари, на кој претставници на обете страни се согласија да го почитуваат ембаргото на испорака оружје ветија дека ќе се ангажираат за целосен прекин на огнот, но договорот подоцна беше прекршен во неколку наврати. (MИА)