недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Матарела денеска ќе положи заклетва на својот втор претседателски мандат

Матарела денеска ќе положи заклетва на својот втор претседателски мандат

Серџо Матарела денеска ќе положи заклетва за својот втор мандат како претседател на Италија, по минатонеделните нерешени избори што резултираа со неговиот повторен избор на функцијата за која веќе не беше заинтересиран, јави ДПА.

Предвидено е 80-годишниот претседател да одржи говор на попладневната церемонија во Домот на пратеници во Рим.

Матарела во изминатиот период постојано ја отфрлаше можноста да прифати втор мандат, што во Италија трае седум години, но се премисли откако главните партии во Италија не успеаја да се договорат за негов наследник и немаше друг излез од ќорсокакот во кој се најдоа.

По хаотичните кругови на пазарење, Матарела дозволи да биде убеден да се откаже од плановите за пензионирање и да прифати реизбор на гласањето на кое се изјаснуваа над 1.000 пратеници и регионални делегати.

Италијанскиот претседател главно има церемонијални функции, но неговата позиција понекогаш добива голема моќ, особено во ситуации кога законодавците запаѓаат во криза, при распуштање на парламентот и се иницираат нови избори и при одобрување или неодобрување на назначување министри.