Поранешниот руски премиер Дмитриј Медведев изјави дека поднел оставка поради потребата од спроведување на политички реформи во земјата и поради временскиот фактор.
Медведев за руската државна телевизија изјави дека првата и најважна работа што му ја кажал на претседателот Владимир Путин на состанокот на 15 јануари е дека пораката на Путин за промена на Уставот опфаќа многу амбициозни задачи за политичкиот систем, кои до одреден степен ја менуваат рамнотежата на моќта во земјата.
– Тоа се однесува на владата, парламентот, делумно претседателот, на правосудството. За да ги донесе сите тие одлуки, претседателот мора да биде апсолутно слободен да дискутира и да презема мерки дејства без оглед на кој било друг фактор, вклучувајќи ја и владата, рече Медведев.
Втората причина, според него, било времето, бидејќи тој бил премиер речиси осум години.
– Ова, на крајот на краиштата, беше многу долга и комплицирана работа поврзана со донесување одлуки за многу комплицирани прашања. Тоа, исто така, треба да се земе предвид, рече Медведев.
Медведев во иднина ќе биде заменик-шеф на Рускиот совет за безбедност, со кој претседава Путин.
Државната Дума на Русија ја потврди кандидатурата на поранешниот началник на Федералната даночна служба Михаил Мишустин за нов премиер на Русија. Тој ќе го наследи Дмитриј Медведев, кој поднесе оставка, откако Путин предложи измени во Уставот