Грузија не треба да ја пропушти историската шанса што ја доби со одлуката на Европскиот совет да и додели на земјата европска перспектива, порача денеска претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел на средба со грузиската претседателка Саломе Зурабишвили во Брисел.
-Европската Унија останува посветена на поддршката на Грузија во напредокот на нејзиниот европски пат, но земјата ќе треба дополнително да ги продлабочи неопходните реформи, особено во областите на правдата, деолигархизацијата и борбата против корупцијата, како и во медиумскиот плурализам, изјави Мишел.
Според него, од приоритетно значење за Грузија е и деполаризацијата на општеството и градењето инклузивна политичка култура.
Како што соопшти Советот на ЕУ, Мишел ја пофалил личната посветеност на Зурабишвили за унапредување на европската перспектива на Грузија, посочувајќи дека Брисел особено ги цени нејзината улогата во зајакнувањето на законодавната контрола, користењето на право да помилува поединци што придонесе за деполаризација на општеството и нејзиниот силен политички фокус на агендата ЕУ-Грузија.
-Претседателот Мишел ја потврди непоколебливата поддршка на ЕУ за територијалниот интегритет и суверенитет на Грузија во рамките на нејзините меѓународно признати граници, се наведува во соопштението.
Покрај за односите меѓу ЕУ и Грузија, Мишел и Зурабишвили разговарале и за случувањата во регионот на Јужен Кавказ и за последиците од руската инвазија врз Украина. (МИА)