Земјите-членки на ЕУ треба да дејствуваат обединето против енергетската криза предизвикана од наглиот раст на цените со намалување на потрошувачката на електрична енергија и да започнат заедно да купуваат гас, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
Тој ќе претседава со два состаноци на лидерите на земјите-членки во октомври, посветени на кризата предизвикана од поскапувањето на гасот и намаленото снабдување од Русија.
Во средата, Европската комисија предложи план за собирање 140 милијарди евра за компензација на потрошувачите од високите цени на енергијата. „Ова се добри предлози, но треба да се направи уште многу“, рече Мишел.
Според него, ЕУ треба да ги продолжи дебатите околу одвојувањето на цената на струјата од цената на гасот, како и да наметне одреден плафон на цената на гасот, а земјите-членки да почнат заедно да купуваат гас.
Не постои општо разбирање за купување, бидејќи големите економии можат полесно да преговараат за билатерални договори отколку малите. За Мишел ваквата конкуренција е непотребна.
Министрите за енергетика на земјите-членки на 30 септември ќе разговараат за енергетската криза и мерките за нејзино сузбивање, а лидерите ќе се сретнат на 6. и 7. и 20. и 21 октомври. (МИА)