Климатските промени претставуваат голема закана за глобалниот раст, предупреди шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева.
На состанокот за климатски промени таа нагласи дека средствата потрошени за борба против Ковид-19, исто така, треба да бидат потрошени за зелени инвестиции.
Според неа, со тоа може да се зголеми БДП во просек за 0,7 проценти во првите 15 години од закрепнување.
– Иако сме во центарот на кризата, треба да се мобилизираме и да спречиме климатска криза, потенцира Георгиева на состанокот со министрите за финансии од 52 земји.
Групата земји, формирана во април 2019 година и предводена од министрите за финансии на Чиле и Финска, одржаа виртуелен состанок синоќа на маргините на годишниот состанок на ММФ и Светска банка.
Кина и САД, кои создаваат најмногу штетни гасови во светот, не се дел од таа група. Заедно, двете земји сочинуваат 43 проценти од светските емисии на штетни гасови.
– Доказите се јасни: климатските промени се сериозна закана за растот и просперитетот. Тоа е макрокритично. А, макроекономските политики се клучни за борба против климатските промени, рече шефицата на ММФ.
Таа додаде дека истражувањето на ММФ покажало дека е можно да се постигнат нула емисии на штетни гасови до 2050 година и покрај пандемијата, но земјите треба да издвојат дел од фискалните стимулации за зелени инвестиции.