Русија доби мировен план од Италија за Украина и го проучува, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Руденко.
„Неодамна го добивме. Во моментов го анализираме“, рече тој, истакнувајќи дека планот досега не бил разговаран меѓу Русија и Италија.
„Кога ќе ја завршиме анализата, ќе го соопштиме нашиот став“, додаде Руденко.
Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо изјави во петокот дека неговата земја предложила на ОН формирање „меѓународна група за посредување“ за да се обиде да постигне „чекор по чекор“ прекин на огнот во Украина.
Според Ди Мајо, „групата за посредување“ предложена од ОН „треба да се обиде да го врати дијалогот меѓу двете земји, кои моментално се во војна“.
Деталите за планот не се објавени, но според италијанскиот весник „Република“, прилично деталниот документ презентиран во ОН и составен од дипломати од италијанското Министерство за надворешни работи предвидува четири фази:
– Прекин на огнот во Украина и демилитаризација на фронтот под покровителство на ОН;
– Преговори за статусот на Украина за влез во Европската унија, но не и во НАТО;
– Билатерален договор меѓу Украина и Русија за Крим и Донбас (овие спорни територии добиваат целосна автономија со правни гаранции за нивната безбедност, но остануваат под суверенитет на Украина);
– Склучен мултилатерален договор за мир и безбедност во Европа, насочен особено кон разоружување, контрола на вооружувањето и спречување конфликти.
Шефот на рускиот преговарачки тим Владимир Медински вчера изјави дека Русија е подготвена да ги продолжи мировните преговори со Украина.