Повторените парламентарни избори во Киргистан ќе се одржат на 20 декември, додека предвремените претседателски избори условно се закажани на 17 јануари 2021 година, објави денеска претседателката на Централната изборна комисија, Нуржан Шајлдабекова.
Таа за ТАСС изјави дека нема причина парламентарните и претседателските избори да се одржат истовремено.
– Мислам дека тоа ќе биде нецелисходно, затоа што повторените парламентарни избори мора да се одржат за два месеци, а претседателските за три, објасни таа.
Таа изјави дека Централната изборна комисија е надлежна за закажување на парламентарните избори, додека претседателските избори ги закажува парламентот.
– Според законот, претседателските избори мора да се одржат три месеци по оставката на претседателот, така што тие се закажани условно на 17 јануари, рече Шајлдабекова.
Киргистанскиот претседател Соронбај Женбеков вчера поднесе оставка, по немирите што ја потресуваат земјата од 4 октомври, кога се одржаа парламентарните избори.
– Не ја држам власта. Не сакам да останам во историјата на Киргистан како претседател кој пролеваше крв и пукаше кон сопствените граѓани. Затоа, донесов одлука за оставка, нагласи Женбеков во вчерашната изјава.
Киргистан, земја со 6,5 милиони жители, сместена на границата со Кина, беше втурната во хаос по гласањето на 4 октомври – опозицијата соопшти дека изборите биле нефер со купување гласови и други нерегуларности.
Демонстранти потоа ги заезедоа владините згради, ограбувајќи некои канцеларии, а Централната изборна комисија ги поништи изборите. Женбеков воведе вонредна состојба во главниот град што беше одобрена во вторникот од парламентот.
Властите распоредија војници во Бишкек за време на викендот и воведоа полициски час. Овој потег ги намали тензиите во градот, но започнаа да формираат групи за заштита на имотот. Продавниците и банките кои беа затворени минатата недела повторно се отворија.
Превирањата се третпат во последните 15 години – демонстранти да соборат влада во Киргистан, една од најсиромашните држави од поранешниот Советски Сојуз.