На Италија и недостасуваат 4.000 специјалисти анестезиолози и реаниматори, факт кој во време на пандемија на Ковид-19 ја загрижува струката, но и граѓаните, пишува весникот „Ил Фато Котидијано“.
Претседателот на синдикатот на анестезиолози и реаниматори Алесандро Вергало ја обвинува „политиката“ која веќе десет години, и покрај барањата на лекарите, не преземала ништо да го обезбеди здравствениот систем со неопходен број на лекари специјалисти.
– Пандемијата на коронавирусот го потенцира проблемот и ги потврди нашите проценки дека досегашната политика за планирање специјализанти била погрешна. Заразата се шири многу брзо и ако продолжи со вакво темпо, одделите за интензивна нега ќе бидат исполнети, а ќе недостасуваат лекари специјалисти кои треба да ги негуваат пациентите, истакна Вергало.
Тој потврди дека Владата на премиерот Џузепе Конте минатата година и пред пандемијата на Ковид-19 го зголемила од 900 на 1.500 бројот на местата за специјализанти, но, според него, „плодовите од таа одлука ќе ги видиме дури за пет години, колку што трае специјалистичката обука“.
На прашањето дали потребите на здравствениот систем би можеле да се пополнат со странски лекари, Вергало одговори дека италијанските лекари се 30 отсто помалку платени од нивните колеги во другите европски земји.