четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

На крузерот во Јапонија 12 заразени се Американци

На крузерот во Јапонија 12 заразени се Американци

Вкупно 12 Американци се заболени од новиот коронавирус во крузерот „Дајмонд принцес“ закотвен во Јапонија, а од вирусот почина првиот Американец, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Дванаесетте Американци се дел од вкупно 63 патници кои се наоѓаат под карантин во крузерот и се заболени од вирусот. Бродот е еден од неколкуте настрадани од епидемијата на смртоносниот коронавирус, со што многу крузери објавија карантин и извршија тестирање и преглед на патниците. Многу пристаништа не дозволуваат влез за овие бродови поради страв од ширење на вирусот.

Во меѓувреме, 60-годишен Американец кој се наоѓал во Вухан, градот од каде пред три недели се прошири епидемијата почина од заболувањето. Тој почиа во четвртокот, а информацијата синоќа ја пренесе кинеската амбасада во Вашингтон.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео синоќа испрати сочувство до родиините и пријателите на починатиот државјанин на САД.

Владата, пак, вчера, со три патнички авиони кои полетаа од Кина, од Вухан успешно евакуира околу 800 американски државјани, лица со постојан престој и нивни најблиски, изјави Морган Ортагус, портпарол на Стејт департментот. Сите треба да поминат двонеделен карантин и прегледи од специјалисти на Центарот за контрола и спречување на болести на САД. Исто така и Канада вчера успеа да евакуира 200 канадски државјани од Кина.

Според најновите податоци, вкупниот број на почината од коронавиросот го надмина бројот на починатите од САРС и во моментов е 804. Коронавирус е од истото семејство на смртоносни вируси како САРС (кратенка од „остар акутен респираторен синдром“) од кој во 2003 година во текот на осум месеци беа заразени околу 8 илјади лица, а 774 починаа. (МИА)