Три брода со над илјада баратели на азил се наоѓаат во Медитеранот и бараат пристаниште кое ќе ги прифати, Европската комисија потсетува дека тоа е легална и морална обврска, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската комисија потврди дека е информирана оти три брода моментално во Медитеранот сигнализирале тревога и упатиле барање за безбедно вкотвување во Европа, овие бродови пренесуваат мигранти и бегалци од целиот свет. Тие побарале од Малта, Италија или Франција да им дадат пристап до своите пристаништа, но за сега без одговор.
Портпаролката за внатрешни работи во Европската Комисија, Анита Хопер, на денешниот брифинг за новинари потсети дека медитеранската рута е една од најактивните, како и една од најопасните бидејќи има силно присуство на криминални организации.
-Европската комисија како таква не е инволвирана ниту е одговорна за координација на вакви операции во море, ниту дефинира место за излез, меѓутоа потсетуваме дека спасувањето животи во море е морална обврска, но и законска должност за земјите членки согласно меѓународното право и независно од околностите кои ги довеле луѓето во ситуација на опасност во море, изјави Хопер.
Италија и Малта добиле повици од бродовите на крајот на октомври. Два од овие брода доаѓаат од Либија.
Во Италија, новата премиерка, Џорџиа Мелони, од редовите на екстремната десница сѐ уште не одговорила на повиците на бродовите.