Најмалку 17 лица, од кои две се во критична состојба, се повредени во пожар што избувна доцна синоќа во напуштена зграда во која живееле бездомници во Бадалона, североисточна Шпанија, соопштија локалните власти.
Противпожарната служба соопшти дека околу 30 лица биле спасени преку прозори додека зградата горела.
Шефот на противпожарната служба Дејвид Борел додаде дека пожарникарите немале време да утврдат дали некој друг останал во зградата пред да се урне кровот, што ја спречило понатамошната потрагата бидејќи пожарот продолжил да гори.
Официјални лица изјавија дека ќе бидат потребни уште неколку часа со цел пожарот да се стави под контрола.
Градоначалникот на Бадалона, Ксавиер Гарсија Албиол, рече во зградата живееле над стотина бездомници, од кои досега се евидентирани 60.
Бадалона, град со околу 200.000 жители, се наоѓа северно од Барселона на медитеранскиот брег.