Најмалку 32 лица загинаа, а 16 се повредени во голем пожар во центар за одвикнување од дроги во северен Иран, јавија денеска иранските медиуми.
Полицијата ги истражува причините за пожарот во кампот за одвикнување од опиум во Лангаруд, во провинцијата Гилан, на Каспиското Море, јави иранската полуофицијална новинска агенција Мехр.
Агенцијата Мизан соопшти дека раководителите и службениците на центарот се под истрага.
Според Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, Иран има еден од најтешките проблеми со зависност во светот, затоа што земјата се наоѓа на главната маршрута за шверц на опиум и хероин од Авганистан до Западна Европа. (МИА)