Најмалку пет лица загинаа во лавина на Доломитите во Италија, соопшти попладнево спасувачкиот центар на регионот Венето.
Уште осум лица се повредени по уривање на глечер на планината Мармолада во северна Италија, а пет хеликоптери и неколку спасувачки тимови со кучиња се во потрага по други луѓе под снегот.
Свлечиштето се случи на алпскиот врв наречен Мармолада, кој е висок нешто повеќе од 3.300 метри.
„За жал, пет лица беа пронајдени мртви“, изјави портпаролката на службите за итни случаи Мишела Канова, додавајќи дека бројот на повредени „останува привремен“.
Повредените планинари, меѓу кои и едно лице кое е во критична состојба, се пренесени во неколку болници во областа, соопштија спасувачите.
Локалната служба за итни случаи на Твитер напиша дека постои сомневање дека во групата на местото на падот имало 15 планинари.
Според локалните власти, лизгањето на парче од глечерот најверојатно дошло поради невообичаено високите температури во оваа област. Имено, температурите се повисоки од 10 степени Целзиусови, што е премногу за тоа подрачје.