На 13 ноември 2015 година се случија серија исламистички терористички напади во Париз и Сен Дени, во близина на Стад де Франс, при што загинаа 131 лице и беа повредени уште 350 други. Ова се најсмртоносните напади извршени некогаш во Франција. Пет години подоцна, се одржуваат серија комеморации, ова и покрај важечкото ограничување за справување со епидемијата Ковид-19, јави дописникот на МИА.
Премиерот Жан Кастекс, како и министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан и Ерик Дупонд-Морети министерот за правда им оддаоа почит на жртвите на овие напади на различните места каде беа извршени нападати. Тие беа придружувани од градоначалничката на Париз, Ан Идалго и градоначалникот на Сен Дени, Матјео Ханотан. . Што се однесува до семејствата на жртвите, присуствуваа само двајца претседатели на здруженија (Живот за Париз и 13 онз 15), поради мерките на ограничување.
Првата церемонијата беше на „Стад де Франс“, а потоа во 11-от арондисман во Париз, во „Пети карилон“, во „Пети Камбоџ“, „Бон биер“, во „ Комптоар Волтер“ и во „Бел екип“, односно сите барови и ресторани погодени од нападите.
Комеморациите во Батаклан завршија во концертната сала, која беше местото на најсмртоносниот напад на 13 ноември: 90 лица загинаа во напад на тројца напаѓачи.
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, објави на Твитер дека Ајфеловата кула ќе се изгасне вечерва во 20 часот, а потоа ќе трепери секој час, во знак на почит на жртвите. Споменикот исто така ќе прикаже порака за оддавање почит на сите жртви на тероризам, како и на мотото „Fluctuat nec mergitur“.