Лидерите на НАТО денеска ги повикаа сите држави да го задржат „одлучувачкиот притисок“ врз Северна Кореја, вклучително и целосна примена на санкциите на Обединети нации, со цел да го убедат Пјонгјанг да се откаже од своето нуклеарно, хемиско и биолошко оружје.
Во декларацијата од Самитот, потпишана од 29 лидери на земјите членки на НАТО, се искажува целосна поддршка на целта „целосно проверлива и неповратна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“.
НАТО исто така ги поздрави неодамнешните разговори на лидерите на САД и на Јужна Кореја со Северна Кореја како придонес за постигнување на целосна денуклеаризација на мирољубив начин.
– Ја повикуваме (Северна Кореја) целосно да ги примени меѓународните обврски, да ги елиминира своите нуклеарни, хемиски и биолошки воени капацитети и балистички ракети и да се откаже од програмите поврзани со нив, се посочува во соопштението од НАТО.
Алијансата апелира до Пјонгјанг да се врати на Договорот за неширење на нуклеарно оружје и да пристапи на Конвенцијата за хемиско оружје.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на средбата на 12 јуни во Сингапур со американскиот претседател Доналд Трамп вети акција за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, но се уште нема објавено како или кога ќе ги уништи програмите за оружје.
МИА