сабота, 13. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

НАТО го осуди нападот врз танкерот кај Оман и го повика Иран да ги почитува меѓународните обврски

НАТО го осуди нападот врз танкерот кај Оман и го повика Иран да ги почитува меѓународните обврски

НАТО денеска им се придружи на сојузниците остро осудувајќи го нападот врз нафтениот танкер „Мерсер Стрит“ крај брегот на Оман, и изрази сочувство до Романија и Велика Британија за претрпените загуби.

Слободата на пловење е од витално значење за сите сојузници во НАТО и мора да се почитува во согласност со меѓународното право, се наведува во соопштението на Алијансата.

Обединетото Кралство, САД и Романија заклучија дека најверојатно Иран е одговорен за овој инцидент, а сојузниците изразуваат загриженост поради иранските дестабилизирачки дејствија во регионот и го повикуваат Техеран да ги почитува своите меѓународни обврски.

Две лица, Британец и Романец, загинаа во нападот со беспилотно летало врз нафтениот танкер „Мерсер Стрит“, што го управува компанијата „Зодијак маритим“, сопственост на израелскиот милијардер Ејал Офер.

Бродот пловеше под знамето на Либерија, а компанијата соопшти дека се уште се утврдуваат сите околности, додека израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид во петокот за инцидентот го обвини „иранскиот тероризам“ .

Иран ги отфрли обвинувањата, наведувајќи дека Израел со ваквите неосновани тврдења се обидува да го оттргне вниманието од фактите .