Навивачите на истанбулските фудбалски клубови „Бешикташ“, синоќа, и на „Фенербахче, ден претходно, побараа од турската Влада да поднесе оставка, скандирајќи и фрлајќи стотици плишани играчки на теренот во спомен на децата жртви од земјотресот на 6 февруари.
„Владо, оставка!“ се пееше додека Бешикташ одигра 0:0 со Анталијаспор. Протестот, што се одржа за време на натпреварот, следи по протестот на навивачите на колегите од истанбулскиот клуб Фенербахче на нивниот стадион во саботата. Навивачите на Фенербахче изразија слични чувства по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтер во кој сано во Турција загинаа повеќе од 44.000 лица.
„Дваесет години лаги и мамење, оставка“, скандираа навивачите на Фенербахче за време на победата над Коњаспор од 4:0. Противниците на турската Влада го критикуваа, како што сметаат, несоодветниот одговор на владејачките власти на природната катастрофа.
Инаку, на 14 мај во Турција треба да се одржат претседателски и парламентарни избори. Се смета дека навивачите на Бешикташ се поблиски до опозицијата отколку до владејачката коалиција на Реџеп Таип Едоган. Но, ваквите скандирања станаа се поретки откако Ердоган ги прегази своите противници по неуспешниот пуч во 2016 година.
Девлет Бахчели, шеф на националистичката партија МХП, помал партнер во владејачката коалиција на Ердоган, ги повика властите да ги играат натпреварите зад затворени врати доколку има повеќе вакви изрази на негодувања. (МИА)