Американското издание „Нејшенал Интерест“ во својот годишен рејтинг на закани кои можат да предизвикаат светски конфликт во годината што следува, на првите две места ги стави Пекинг и Москва.
Пјонгјанг не е ниту на трето место како можна главна светска закана во 2019 година.
Во својата анализа изданието оценува дека ова се потенцијалните жешки точки каде догодина може да се разгори масовен регионален конфликт што би довел во Трета светска војна.
На прво место е Јужно Кинеското Море, каде може да започне конфликт помеѓу САД и Кина инициран не поради споровите во овој воден басен, туку поради трговската војна што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја започна против Пекинг.
Канада и САД неодамна упасија високо официјално лице на кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“, што водеше кон реципроциттени мерки од страна на Кина против еден канадски државјанин и американски компании.
Изданието смета дека заострената трговска војна може да премине во жесток конфликт со регионални и потоа светски последици.
На второ место е Украина. Причината е инцидентот кај Керченскиот Теснец во Азовско Море каде руската поморска флота заплени три украински бродови и уапси десеттина членови на нивните екипажи, поради, според Москва, нарушување на руските територијални води од страна на пловилата.
Пресретнувањето на бродовите ги разгори тензиите во регионот каде со години тлее конфликт. Како резултат на ова Киев прогласи воена состојба во повеќе украински региони што би можело да биде повод за безредија во Украина.
Трета најверојатна жешка точка во 2019 година би можело да стане регионот на Персискиот Залив. Нестабилноста на Блискиот Исток може да се префрли во Иран и тоа да испровоцира почеток на светска војна. Иран е под жестоки американски санкции, потсетува американското издание.
На последно место е Корејскиот Полуостров. Неизвесноста околу можното рестартирање на нуклеарната програма на Северна Кореја би можело да биде причина за светски конфликт догодина, смета „Нејшенл Интерест“.
МИА